Собранието изгласа: 18% ДДВ и за нарачките до 22 евра од Тему, Шеин и АлиЕкспрес

5

Пратениците денеска ги усвоија измените со кои се укинува досегашното ослободување од ДДВ за пратките до 22 евра што граѓаните ги нарачуваат од странски онлајн продавници како Тему, Шеин и АлиЕкспрес. За измените гласаа 59 пратеници, а 12 беа против.

Новото правило значи дека и малите нарачки, кои досега пристигнуваа без дополнителни давачки, ќе подлежат на 18% ДДВ, што практично носи поскапување за купувачите.

Финансии: мерката ги штити домашните трговци

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски појасни дека измената е воведена за да се стави крај на нелојалната конкуренција и да се создадат еднакви услови за домашните и странските продавачи.

„Целта е појасна правна рамка, спречување злоупотреби и порамноправна положба на малите бизниси во земјава во однос на странските при плаќањето на ДДВ. Исто така, ЕУ уште во 2021 година го укина ова ослободување“, изјави Јанкуловски.

Тој додаде дека Србија и Црна Гора веќе го имаат истото решение, а Албанија е во процедура.

Поделени ставови во парламентот

Дел од пратениците ја поддржаа мерката, наведувајќи дека досегашната практика создавала огромни загуби и нелојална конкуренција за домашните продавници.

„Само минатата година во Македонија влегоа над 1.000 тони ситни производи кои не беа оданочени. Со ова барем делумно ги изедначуваме условите за македонските трговци“, изјави Малиша Станковиќ од СПМ.

Од друга страна, дел од опозицијата смета дека данокот дополнително го оптоварува стандардот на граѓаните.

„На празниот буџет му барате спас во данок на сиромашни. Наместо да се борите со сивата економија, го полните буџетот преку обичните граѓани кои купуваат шноли и боички“, рече Реџеп Исмаил од Левица.

Законот ќе стане применлив осум дена по неговото објавување во „Службен весник“.

Makedonski