Хоџа: За 50 од 453 ИПАРД 3 договори има сомнежи – институциите да го расчистат случајот
Само кај 50 од вкупно 453 потпишани договори од програмата ИПАРД 3 постојат заостанувања поради потребата да се утврди дали се поврзани со евентуални кривични дела, изјави денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа од собраниската говорница. Тој апелираше до сите надлежни институции да ги спроведат потребните проверки за случајот целосно да се расчисти.
„Не би навлегувал во детали додека траат истрагите, ќе ги оставиме надлежните органи да ја расветлат состојбата“, рече Хоџа.
ЕУ го поздравила брзото реагирање
Одговарајќи на пратеничко прашање од Љупчо Николовски (СДСМ), поранешен министер за земјоделство, Хоџа нагласи дека Европската унија позитивно го оценила брзиот одговор на државните институции по појавата на сомнежите поврзани со ИПАРД 3 програмата.
Николовски претходно побара оставка од актуелниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски, а во негово отсуство праша зошто Платежната агенција имала потреба од 18 месеци да го реализира повикот за ИПАРД 3 со 107 апликации, кога идентичен повик во рамки на ИПАРД 2 бил завршен за само четири месеци.
Хоџа одговори дека постапките се одвиваат според сите прописи и дека институциите постапиле навреме. „Во постојан контакт сме со партнерите од ЕУ. Тие го поздравуваат брзото дејствување на институциите. Владата веќе назначи нов професионален кадар во Агенцијата – поранешен државен секретар и претседател на Комитетот за следење на ИПАРД 3“, додаде тој.
Меѓусебни обвинувања и стари истраги
Хоџа најави дека писмено ќе одговори на сите прашања на Николовски, но и го потсети дека Министерството повело повеќе постапки против него за времето кога бил министер.
„Формиравте комисии со членови надвор од законските процедури, само за да се доделат грантови од по 10.000 евра за производство на вино“, рече заменик-министерот, додавајќи дека новото раководство во последните 15 месеци ги исплатило сите заостанати субвенции што, како што наведе, ги оставила претходната власт.
Николовски возврати дека е подготвен веднаш да појдат во Обвинителството за да се расчистат сите наводи и оцени дека не е точно дека заостануваат само 50 договори.
„И еден единствен договор да е доведен во прашање, тоа мора да биде тема на дискусија во Владата. А не се 50 – од 453 склучени договори, 180 сè уште не се исплатени. Дополнително, сте смениле 40% од раководниот кадар, што исто така е нотирано од ЕУ“, нагласи тој.
Приведувањето на поранешниот директор
На 6 ноември беше приведен Илија Стоилев, дотогашен директор на Платежната агенција, под сомнение за примање мито. По приведувањето, тој беше разрешен од функцијата. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски вчера ја назначи Даниела Лазарова Иротова – поранешен државен советник во Министерството – за нов директор на Агенцијата.