Почна селекцијата на кандидатите за претседател на ДКСК – во конкуренција остануваат 10 имиња
Во Собранието денеска стартуваше работата на Комисијата за селекција на кандидатите за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), формирана во рамки на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. За функцијата се пријавени вкупно 10 кандидати кои ги исполнуваат условите.
Претседателот на Комисијата, пратеникот од ВМРО–ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, соопшти дека во петок ќе биде закажана седница на матичната парламентарна комисија, на која треба да биде изгласан кандидатот по завршувањето на процесот на селекција.
„Првично имаше 13 пријави. Еден кандидат ја повлече документацијата, а кај двајца беше утврдено дека не ги исполнуваат условите. Така, во постапката остануваат 10 кандидати. Денеска започнуваме со интервјуа со петмина, а останатите ќе бидат интервјуирани утре. Планот е во петок да се одржи седница на Комисијата за избори и именувања, каде што ќе се гласа за избор на претседател на ДКСК“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека по завршување на сите интервјуа, членовите на Комисијата за селекција во четврток ќе се состанат за да извршат индивидуално оценување и рангирање на кандидатите, по што ќе биде подготвена конечната листа со предлог-кандидат.