ОН ја усвоија резолуцијата подготвена од САД за планот на Доналд Трамп за Газа; се овластуваат меѓународни стабилизациски сили

4

Советот за безбедност на Обединетите нации ја усвои резолуцијата подготвена од САД со која се поддржува планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Газа и формирање меѓународни стабилизациски сили во палестинската енклава.

Израел и Хамас минатиот месец се согласија за првата фаза од планот – прекин на огнот и ослободување на заложници – но резолуцијата беше клучна за меѓународна легитимност на идното транзициско управување и за охрабрување на државите што размислуваат да испратат трупи.

Резолуцијата предвидува земјите-членки да учествуваат во Одборот за мир, воден од Трамп, кој би го надгледувал реконструктивниот и економскиот процес во Газа. Дополнително, овластува создавање Меѓународни сили за стабилизација (ISF) задолжени за демилитаризација на Газа, вклучително и собирање оружје и уништување на воената инфраструктура.

Хамас ја отфрли резолуцијата, повикувајќи се дека не прифаќа разоружување и дека „отпорот против Израел е легитимен“. Во соопштение предупредија дека текстот воведува меѓународен механизам за старателство врз Газа, што палестинските фракции го одбиваат.

Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Валц, изјави дека резолуцијата отвора можност Газа да се издигне „ослободена од терор, стабилна и просперитетна“ и дека отвора пат за политички процес кој може да доведе до палестинско самоопределување.

Русија и Кина се воздржаа од гласање, дозволувајќи резолуцијата да помине, но критикуваа дека ООН немаат доволно јасна улога во идното управување со Газа. Рускиот амбасадор Василиј Небензја предупреди дека фактички, контролата над енклавата ќе ја има Одборот за мир и стабилизациските сили чии параметри сè уште не се прецизирани.

Палестинската самоуправа ја поздрави резолуцијата и изјави дека е подготвена учествува во нејзината имплементација. Според дипломатски извори, оваа поддршка била клучна за избегнување руски вето.

Трамп го поздрави гласањето како „историски момент“, најавувајќи дека составот на Одборот за мир ќе биде објавен во наредните недели.

Резолуцијата предизвика полемики во Израел, особено поради деловите кои индиректно отвораат перспектива за идно палестинско државотворно решение.

Makedonski