Поплави и лизгања на земјиште во Италија и Словенија: трикатна зграда затрупана, жители евакуирани
Делови од Словенија и Италија денес се соочуваат со сериозни поплави предизвикани од обилните дождови што го зафатија италијанскиот регион Фриули-Венеција Џулија, автономна област на североистокот која се граничи со Словенија и Австрија.
Едни од најтешките последици се регистрирани во италијанската општина Кормонс, во местото Брацано, веднаш до словенечката граница, каде лизгање на земјиште урна трикатна зграда и ја затрупа под масата од кал и земја.
Спасувачките екипи успеале да извлечат едно лице со скршена нога, кое е пренесено во болницата во Удине. Сепак, се трага по уште две лица, а на терен се ангажирани спасувачи со повеќе возила и хеликоптер. Локалните власти евакуираа неколку семејства поради ризик од нови свлечишта.
„Врнеше екстремно многу синоќа. За жал, некои лица сè уште се водат како исчезнати“, изјави градоначалникот на Кормонс, Роберто Фелкаро. Во регионот за само шест часа наврнале 152 милиметри дожд.
Реката Тер се излеа – жителите чекаат евакуација на покривите
Поројните дождови го предизвикаа и излевањето на реката Тер, која го поплави селото Верса во близина на Вилесе. Таму беа испратени и спасувачки тимови од Венеција за поддршка на локалните служби. Дел од жителите се засолниле на покривите на своите домови и чекаат евакуација со хеликоптери и мали чамци.
Поради поплавите, голем број патишта и мостови се затворени, а пристапот до критичните подрачја е сериозно ограничен.
Словенија со големи штети: поплавени домови, уништени патишта, прекини на струја
Сериозни последици се забележани и во западна Словенија, особено во општината Брда и околните населени места. Пожарникарите и цивилната заштита веќе интервенирале најмалку 15 пати, а работата на терен продолжува.
Во градот Канал об Сочи се пријавени поплавени подруми, а во селото Вишњевик околу 200 домаќинства останале без електрична енергија откако свлечиште урнало бетонски столб од далновод. Слична ситуација има и во Шловерц, каде 80 корисници останале без струја.
Свлечиштата предизвикале сериозни штети на енергетската инфраструктура, уништувајќи мост и затрупувајќи неколку патишта, што дополнително ја усложнува ситуацијата во погодениот регион.