Управниот суд ќе решава за казните на околу 30 компании за нефер трговски практики

4

Управниот суд во следниот период треба да одлучи дали околу триесет компании ќе мора да платат глоби поради непочитување на Законот за спречување нефер трговски практики. Овие санкции претходно ги изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата, но сите решенија се оспорени и чекаат судска разврска.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, информира дека расте бројот на пријави од добавувачите, кои сè почесто сигнализираат дека дел од трговците го прекршуваат законот и со тоа вештачки ги зголемуваат цените кои на крајот ги плаќаат граѓаните.

„Во овој период имаме значително повеќе пријави од добавувачи кои се охрабрени да пријават уцени и притисоци од трговците. Очекувам овој тренд да продолжи и во иднина“, изјави Ристески.

Доколку казните бидат потврдени од Управниот суд, засегнатите компании ќе треба да платат максимум 20.000 евра во денарска противвредност. Од Министерството за економија најавуваат дека од следната година ќе се пристапи кон законски измени со кои казните ќе се зголемат десеткратно – до 200.000 евра.

Во моментов се очекува и одлуката на Антимонополската комисија за четири компании за кои се утврди дека преку Сојузот на стопански комори биле дел од картелско договарање. Новиот претседател на Комората, Горан Ѓорѓиевски, потврди дека организацијата веќе ја платила казната од две илјади евра и дека ги очекуваат и поголемите санкции.

„Ова беше една од причините поради кои дојде до промени во раководството на Комората. Веќе два месеца сум на функцијата токму поради потребата за расчистување со ваквите практики“, истакна Ѓорѓиевски.

Ристески упати порака до маркетите да се придржуваат кон законите и да не ги зголемуваат цените во пресрет на новогодишните празници. Нови ограничувања на маржите нема да има, но контролите ќе продолжат и ќе ги спроведува Државниот пазарен инспекторат.

„Оваа година инспекторите имаат извршено рекордни над 20.000 надзори низ целата држава“, додаде заменик-министерот.

Според податоците, од казните Пазарниот инспекторат инкасирал околу 2,5 милиони евра – најмногу поради непочитување на законските одредби и поради непазарно однесување кај дел од трговците кои самоволно ги зголемувале цените.

Makedonski