Зеленски во Париз: Украина и Франција подготвуваат историски договор за авиони, ракети и воздушна одбрана

5

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Париз ќе потпише серија стратешки договори со Франција за значително засилување на украинската воздушна одбрана, борбена авијација и ракетни капацитети. Средбата со францускиот претседател Емануел Макрон се одржува во момент кога руските напади со дронови и ракети интензивно се зголемуваат, а Москва најавува нови копнени офанзиви во регионот Запорожје.

„Подготвен е историски договор со Франција – ќе има значително зајакнување на нашата борбена авијација, воздушна одбрана и други одбранбени капацитети“, напиша Зеленски на Х.

Француската поддршка, и покрај политичките и буџетските турбуленции во Париз, ќе биде поголема од најавеното. Според извори запознаени со разговорите, можно е потпишување 10-годишен стратешки договор за авијација, кој би го отворил патот Украина да добие повеќенаменски борбени авиони „Рафал“ од производителот „Дасол“. Дел од авионите може да дојдат од француските залихи, а најголемиот дел би бил планиран за долгорочно проширување на украинската флота, која веќе се подготвува да ги вклучи и американските F-16 и шведските „Грипен“.

Покрај авионите, се очекуваат договори за дополнителни системи за воздушна одбрана SAMP/T — или од годишните француски резерви, или преку долгорочни нарачки за следната генерација, вклучително и ракети и системи за борба против дронови. Финансирањето на овие зделки сè уште не е целосно утврдено.

Макрон претходно најави дека Франција ќе испорача повеќе борбени авиони „Мираж“ и нова серија ракети земја-воздух „Астер 30“.

Од кабинетот на Макрон појаснуваат дека целта е француската одбранбена индустрија да обезбеди средства кои ќе ѝ овозможат на Украина да се брани од руската агресија во долг рок.

Makedonski