Ангел Димитров: Напредок ќе има само ако Скопје стане самокритично и го слуша она што го вели ЕУ
Напредок во работата на Заедничката македонско-бугарска историска комисија ќе има само ако „во Скопје станат смирени, самокритични и го слушаат она што го вели Европската унија“, изјави за БГНЕС копретседателот Ангел Димитров – историчар и поранешен бугарски амбасадор во Скопје.
Според него, стагнацијата на Комисијата – која за осум години одржала 38 состаноци и стигнала само до анализи на учебници до 11 век – се должи на политизација што, како што тврди, доаѓа од македонска страна.
Димитров вели дека клучниот проблем е „неподготвеноста на македонските колеги да ја прифатат дефиницијата за заедничка историја“, и дека одбивањето да се признаат историските факти ги блокира дискусиите.
Тој го критикува македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски за, како што рече, „неубедливо обвинување“ дека Бугарија ја политизира работата.
„Комисијата постои поради Договорот за добрососедство. Не може да се зборува за политизација кога инсистираме на почитување на договорот и на научни аргументи“, вели Димитров.
Тој тврди дека во Комисијата речиси и да нема суштински напредок, а дека последните состаноци се сведуваат на усогласување стари записници наместо научни расправи.
Димитров оценува дека ставовите во Скопје се под влијание на „просрпски и проруски сили кои во последните години се значително зајакнати“, а ориентацијата кон Белград и Будимпешта, според него, „веројатно нема да донесе резултатите што се очекуваат“.
Тој предупредува и на порастот на српскиот национализам во регионот и вели дека Бугарија треба внимателно да реагира на проекциите на „српскиот свет“.
Димитров додава дека Договорот за добрососедство се сведува само на формалност за властите во Скопје, кои, според него, го гледале како чекор кон ЕУ, но не и како обврска за суштинско унапредување на односите.
„Ставот кон договорот е многу вознемирувачки. Не гледам причина само едната страна да се прави дека е во право, а другата да е постојано виновна“, вели тој.
Иако е песимистички настроен, Димитров смета дека напредок е можен, но само ако во Северна Македонија има политичка волја:
„Ако земјата се смири, ако стане самокритична и го прифати она што ЕУ го бара со сериозност, тогаш може да се постигне напредок.“