Директорката на Државниот архив, Наташа Котлар Трајкова, разрешена по телефонски повик од Кабинетот на премиерот
Директорката на Државниот архив на Македонија, професорката Наташа Котлар Трајкова, вчера била разрешена од функцијата по телефонски повик од Кабинетот на премиерот, без претходно образложение. Таа ја извршуваше функцијата една година и четири месеци.
Во изјава за Телевизија 24, Котлар Трајкова вели дека причината за нејзиното разрешување најверојатно е интервју што го дала во август, во кое изразила критички ставови за македонските иселеници во Австралија.
„Во 12 часот и 4 минути, додека бев на работа, ми се јави жена која се претстави како секретарка од кабинетот на премиерот и кратко ме информира дека од моментот на јавувањето јас веќе не сум директор. Подоцна, во комуникација со претседателот, дознав дека ‘најголем грев’ ми е критичкото мислење што го изнесов во интервјуто во август“, изјави Котлар Трајкова.
Таа посочи дека дополнителен фактор бил и назначениот заменик-директор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој, според неа, имал амбиција да ја преземе функцијата директор.
„Од денот на моето именување на 31 јули 2024 година, истовремено беше поставен и партиски кадар за заменик-директор. Од тогаш започна мојата одисеја – повеќе од една година психолошка тортура. Секојдневно се случуваа работи кои покажуваа дека немам поддршка и дека целата политика на Архивот треба да се води според она што ќе го каже заменикот“, изјави таа.
Котлар Трајкова додава дека во текот на мандатот се соочила со бројни притисоци и влијанија.
Наташа Котлар Трајкова беше кандидат за градоначалник на општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година.