Дарковска: ЈКП „Комуналец“ – Прилеп се соочува со сериозни финансиски и организациски проблеми
Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ се наоѓа под силен финансиски притисок и покажува знаци на системска неефикасност, покажуваат најновите податоци за неговото работење, кажа на денешната седница на прилепскиот општински совет советничката од ВМРО-Народна партија, Сузана Дарковска.
Според извештаите, и покрај добивката од 4.8 милиони денари, 80% од сите трошоци се насочени кон платите, што изнесува над 55 милиони денари, и покрај тоа што продуктивноста не бележи раст. Добивката постојано опаѓа, што укажува на слабo управување со човечките ресурси и ниска организациска ефикасност.
Дополнителен проблем претставуваат и побарувањата од купувачите кои достигнуваат 138 милиони денари, што го зголемува ризикот за ликвидност и го ограничува редовното работење. Истовремено, претпријатието има и значителни обврски кон општината.
Во делот на развојните политики состојбата е уште поалармантна – капиталните инвестиции изнесуваат само 442 илјади денари, што значи дека практично нема модернизација, нема развојни проекти и се работи само на тековно одржување.
Претпријатието е силно зависно од општински средства и нема стратегија за диверзификација на приходите, што ја намалува неговата самостојност и го прави ранливо на промени на пазарните услови.
Податоците покажуваат дека и ЈКП „Пазари“ остварил загуба од 820.467 денари за само три месеци, по минатогодишната загуба од 889.423 денари. Загубите се повторуваат и се продлабочуваат.
Повеќе од 72% од трошоците и понатаму се насочени кон плати, додека приходите паѓаат. Наместо во модернизација и развој, средствата се пренасочуваат кон донации и репрезентација.
Советничката Дарковска побара од општинските власти итен план за стабилизација, детална ревизија на трошоците и јасна стратегија за зголемување на приходите. Според неа, граѓаните заслужуваат ефикасно комунално претпријатие, а не институција која опстојува со субвенции и минимални вложувања.