Почна „Фестивалот на чај“ во Скопје Сити Мол – три дена посветени на билките, здравиот живот и културата на чајот
Со слоганот „Вкуси ја хармонијата на билките“, денеска во приземјето на Скопје Сити Мол започна годишниот „Фестивал на чај“, кој ќе трае до недела и нуди уникатно искуство за сите љубители на чајот, природата и здравиот живот.
Во рамки на фестивалот учествуваат над 30 изложувачи со најразлични производи – чаеви, ароматични билки, есенцијални масла, природна козметика, мед и пчелни производи, како и рачно изработени уметнички предмети инспирирани од културата на чајот. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат, да добијат совети за здрави навики и да учествуваат во интерактивни работилници.
Фестивалската програма вклучува музички настапи, церемонии на чај во изведба на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, едукативни сесии за македонскиот планински чај, научни активности во соработка со Ботаничката градина и студентите по биологија, како и креативни работилници за изработка на рачно изработени сапуни.
„Фестивалот на чај“, кој годинава го одбележува своето десетто издание, претставува спој на природата, науката, уметноста и културата, со цел промоција на здрави навики и автентични културни вредности.