Интерната комисија утврдила непотребни кардиолошки и кардиохируршки операции – анализирани 25 случаи, кај 10 констатирани сериозни пропусти

5

Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции при Министерството за здравство утврдила дека дел од пациенти биле непотребно оперирани или погрешно упатени на операции. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција, на која присуствуваа и членови од комисијата.

До комисијата пристигнале вкупно 25 пријави од граѓани и од здравствени установи. Од нив, шест случаи се проследени до Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ), додека 19 биле разгледани од комисијата. Засега не се откриваат ниту имињата на пациентите, ниту здравствените институции каде интервенциите биле изведени, а анализите опфаќаат болници ширум земјата кои работат со кардиоваскуларна патологија.

„Комисијата достави објективни резултати врз основа на научно и независно спроведен процес. Од анализираните 19 случаи, кај 10 е утврдено дека пациентите биле непотребно оперирани или непотребно упатени на оперативен третман,“ изјави министерот Алиу.

Претседавачот на комисијата, д-р Жарко Христовски, појасни дека оценките се направени врз основа на медицинска документација и пријави поднесени лично од пациенти до Фондот за здравствено осигурување, како и од здравствени институции и Министерството.

„Кај десет случаи пронајдовме преобемно поставена индикација за операција. Тоа ќе биде дел од понатамошната работа, која ќе ја спроведеме заедно со меѓународни експерти. Во следната фаза ќе влеземе во институциите и ќе направиме подетална анализа на поставената стратегија за лекување,“ рече Христовски.

Членката на комисијата, д-р Ненси Лозанче, додаде дека повеќето од досегашните случаи укажуваат на неправилно упатување или неправилно изведени оперативни зафати.

Министерот Алиу најави дека во продолжение ќе се работи со тројца странски експерти и по финализирањето на анализата ќе биде објавен конечен извештај. Според него, овој документ ќе претставува основа за идните политики во здравствениот систем.

Засега не се откриваат ниту установите, ниту деталите за пациентите. Д-р Христовски потенцираше дека тоа ќе се направи дури по комплетирањето на целокупната медицинска документација.

„Овие случаи можат да завршат како пријави во Јавното обвинителство или пред Министерството за здравство. Тука не станува збор само за финансиски средства, туку пред сѐ за човечки животи. Затоа внимателно ќе се постапува со сите информации, и поради етички причини,“ додаде тој.

Makedonski