Масовен руски воздушен напад врз Киев: Погодени станбени згради, има загинати и повредени
Русија во ноќта меѓу 13 и 14 ноември изведе еден од најинтензивните воздушни напади врз Киев досега, користејќи стотици беспилотни летала и повеќе видови ракети. Според официјални украински извори, во нападот загина најмалку едно лице, а 24 се повредени. Петмина повредени, меѓу кои и бремена жена, се хоспитализирани, пренесува Kyiv Independent.
Експлозии се слушале низ сите делови од градот, а значителен број станбени објекти биле погодени.
Тимур Ткаченко, шеф на градската воена администрација, предупреди дека „Русите се насочени кон станбени згради“, истакнувајќи дека штетите се распространети низ целиот град.
Градоначалникот Виталиј Кличко потврди дека најмалку 11 високи згради се погодени, а спасувачките тимови евакуирале над 40 лица од урнатините и запалените станови.
Нападите предизвикале пожари, потреси и масовни евакуации во повеќе градски подрачја: Подилски, Днепровски, Десњански, Соломјански, Свјатошински и Оболонски. Во Десњански, пожар зафатил дел од повеќекатница – од петти до осми кат – при што едно лице го загубило животот.
Покрај станбените објекти, оштетени се и болница, училиште и дрвени објекти во спортски центар, а регистрирани се и штети во градската мрежа за греење.
Нападот се смета за дел од нов бран руски воздушни офанзиви насочени кон урбаните центри и енергетската инфраструктура на Украина во пресрет на зимскиот период.