Кривична пријава против поранешни општински функционери од Сарај и Скопје за злоупотреба на службена положба

5

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против осум физички лица, меѓу кои поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и еден надзорен инженер, под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

Меѓу пријавените се:

  • Б.Б., поранешен градоначалник на Општина Сарај,

  • С.Ш. и Ќ.К., поранешни општински секретари,

  • А.С. и Ќ.А., поранешни раководители на сектор за урбанизам,

  • А.Ш., помлад соработник во општината,

  • И.Б.Ш., раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје,

  • Љ.Т., надзорен инженер.

Според пријавата, постојат сомнежи дека службените лица од Општина Сарај, иако знаеле дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, сепак изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи.

Дополнително, надзорниот инженер извршил технички преглед и изготвил завршен извештај со невистинита содржина, со што бил потврден незаконскиот процес на градба.

Со ваквите дејствија, пријавените лица, според Финансиската полиција, му овозможиле на правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ с. Глумово – Скопје, Сарај, да се стекне со противправна имотна корист во висина од 108.638.840 денари.

Против сите осомничени ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната кривична и материјална одговорност.

Makedonski