Обвинение за лекарот од Македонија што прегази куче во Софија — животното евтаназирано поради тешки повреди
Лекарот кој прегази куче во Софија е обвинет за намерна суровост кон ‘рбетно животно, при што му предизвикал тешки телесни повреди, соопшти портпаролот на Софиското окружно обвинителство Николај Николаев на прес-конференција.
Според него, досега собраните докази укажуваат на умисла од страна на сторителот.
Инцидентот се случил на 9 ноември, кога возач излегувал од гаража и го прегазил кучето по име Роксана, од расата хаски.
„По преминувањето со возилото, животното добило тешки повреди, но било сè уште живо и во контакт со околината,“ изјави Николаев.
Кучето било пренесено во ветеринарна клиника, каде што било утврдено дека има скршен ‘рбет и целосна инвалидност. Според лекарите, не постоела можност за опоравување, па поради тоа и бидејќи кучето било бездомно и немало кој да се грижи за него, било евтаназирано.
За вакво дело бугарското законодавство предвидува затворска казна од една до пет години, соопштија од обвинителството.
Осомничениот е државјанин на Република Северна Македонија и специјализант во Военомедицинската академија (ВМА) во Софија.
Од ВМА потврдија дека лекарот е отстранет од работа до целосно расветлување на случајот, а болницата целосно соработува со истражните органи.
Во меѓувреме, пациентската организација „Заедно со тебе“ остро го осуди инцидентот, нарекувајќи го неприфатлив чин на суровост.