Од 15 ноември задолжителна зимска опрема за сите возила
Од 15 ноември сите возила што учествуваат во јавниот сообраќај мора задолжително да поседуваат пропишана зимска опрема, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оваа обврска произлегува од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за изменување на истиот закон, како и од Правилникот за задолжителна опрема на возилата.
Според прописите, за патнички возила до 3.500 килограми потребно е:
-
зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 мм, или
-
летни пневматици со најмалку 4 мм длабочина, доколку возилото поседува синџири за снег или други соодветни помагала за погонските тркала.
За возила со погон на сите четири тркала (4×4) се пропишани зимски пневматици со минимална длабочина од 6 мм, а ако користат летни пневматици, мора да имаат синџири за снег на задната или погонската осовина, во зависност од видот на погонот.
Кај возила потешки од 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици со минимална длабочина на шарата од 6 мм, или летни пневматици со 4 мм длабочина, со задолжителни синџири за снег со соодветна големина.
Автобусите и товарните возила кои технички не можат да постават синџири на погонските тркала мора да имаат зимски гуми и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние кои на бочната страна имаат ознака „MS“, „M+S“, „M & S“ и симбол на снегулка во стилизирана планина.
Од МВР потсетуваат дека е забранета употребата на пневматици со клинци и апелираат возачите да се придржуваат кон законската обврска.
„Само со навремено опремени возила можеме да обезбедиме безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во зимски услови“, порачуваат од МВР.