Тешка сообраќајка меѓу Кондово и Долно Свиларе – тешко повредени малолетници
Тешка сообраќајна несреќа се случи вчера попладне на локалниот пат меѓу скопските села Кондово и Долно Свиларе, кога автомобил „Фолксваген Голф“, управуван од 15-годишно момче од Скопје, се судрил со „Фолксваген Пасат“, зад чиј управувач била 27-годишната А.М. од Долно Свиларе.
Од силниот удар тешко се повредиле малолетниот возач и неговиот 14-годишен сопатник од Скопје. Телесни повреди добиле и уште двајца млади – 15-годишник од Кондово и 17-годишник од Скопје, кои исто така биле во „Голфот“.
Во „Пасатот“, полесно се повредиле возачката и нејзиното двегодишно девојче.
Сите повредени биле итно пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде им биле констатирани повредите.
Екипа од СВР Скопје извршила увид на местото на несреќата, а се утврдуваат причините поради кои дошло до сударот.