Арсовска со порака до Ѓорѓиевски: „Кога се лаже, се држат рачињата во формација извежбана од медот“ — го повика на ТВ-дебата
Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, му возврати на актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски по неговата изјава дека јавните претпријатија на Град Скопје должат над 300 милиони евра и дека 500 вработени биле отпуштени затоа што не доаѓале на работа.
Арсовска на својот Фејсбук профил објави реакција во која го обвини Ѓорѓиевски за лажни тврдења, упатувајќи му саркастична порака:
„Кога се лаже, се држат рачињата во формација извежбана од медот.“
Таа го повика градоначалникот јавно да ги објави сите фирми со долгови по институција, со фактури и датуми, „за народот да знае дека лаже“. Исто така, побара објавување на имињата на 500-те наводно отпуштени работници и докази дека не доаѓале на работа.
„Три години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка, за да направиш место за своите партиски војници,“ напиша Арсовска.
Поранешната градоначалничка го повика Ѓорѓиевски на телевизиска дебата, на медиум по негов избор, за – како што вели – „со аргументи да се соочат пред јавноста“.
„Ако сакаш како маж да соочиш аргументи, ајде на дебата на ваш медиум по избор, па ќе си раскажеш таму и за долг и за вработени во Скопје и во Кисела Вода, каде што има кој да ти врати со факти наспроти твоето лажење,“ порача Арсовска.