Над 58 милиони евра наплатени од патарини во првите девет месеци од 2025 година
Вкупните приходи од наплата на патарини во периодот јануари – септември 2025 година изнесуваат 3.611.645.604 денари или околу 58,7 милиони евра, информираа од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Само во септември биле инкасирани 401,9 милиони денари, додека највисок промет е остварен во август – 494,3 милиони денари, следат јули со 469,8 милиони и јуни со 399,3 милиони денари, периоди кога традиционално е најголема фреквенцијата на возила.
Најпрофитабилна наплатна станица и понатаму е Романовце, додека Кадрифаково бележи најниски приходи.
Во септември, прометот од електронска наплата (ЕТЦ) преку издадени профактури изнесувал 30,87 милиони денари, а преку онлајн надополнување – 30,88 милиони денари. Наплатата преку системот „Отворен Балкан“ изнесува 10,49 милиони денари.
Од ЈПДП соопштуваат дека електронската наплата достигнала 35 проценти од вкупниот промет, што покажува континуиран раст на користењето на современи методи за плаќање.
Во тек е и подготовката на проектот за надополнување на МТаг и Мкард, а од претпријатието најавуваат дека во блиска иднина ќе започне малопродажбата на М-ТАГ уредите низ целата држава преку правни лица.