ЛДП предлага: Владините повереници да не можат да се кандидираат на повторените избори
Либерално-демократската партија (ЛДП) најави дека ќе поднесе предлог-измени на Изборниот законик со кои ќе се предвиди владините повереници, назначени во општините каде што не беше избран градоначалник поради недоволен цензус, да немаат право на кандидатура на повторените избори.
Според ЛДП, измените ќе се однесуваат на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, каде што наскоро треба да се организира повторување на изборниот процес.
„Овие измени ги предлагаме за да се спречи било каква нефер предност на поверениците пред останатите кандидати за градоначалници, како и да се намали можноста за евентуални злоупотреби или несовесни работења во периодот до повторените избори,“ соопштија од партијата.
Од ЛДП потсетуваат дека оваа иницијатива доаѓа по прифаќањето на нивниот предлог за враќање на референдумското отповикување на градоначалници во Законот за локална самоуправа — мерка која, како што велат, ќе стави крај на заштитата на неефикасните и нетранспарентни функционери.
„Со усвојувањето на предложените измени ќе се создадат фер услови за коректен политички натпревар, ослободен од сомнежи за дополнителни злоупотреби и политички влијанија,“ велат од ЛДП.