Граѓани на Тузла на протести по серијата трагедии и скандали
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот, изразувајќи го своето незадоволство поради низа трагедии и скандали што во последните недели го потресоа Тузланскиот кантон.
Повод за протестите е пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла, во кој загинаа 13 лица, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Според првичните информации, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Дополнително, јавноста беше потресена и од случајот на подведување малолетнички, во кој се осомничени полициски службеник и универзитетски професор. Според обвинението, подведувањето траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Протестантите, меѓу кои имаше и граѓани од други градови на Босна и Херцеговина, побараа оставка и одговорност од надлежните институции, обвинувајќи ги за негрижа, корупција и неспособност да го заштитат јавниот интерес и безбедноста на граѓаните.