Инфлацијата во октомври 4,5 проценти – Владата очекува стабилизација, опозицијата предупредува на пад на стандардот
Во однос на октомври минатата година, трошоците на живот се зголемени за 4,5 проценти, соопшти денеска Државниот завод за статистика. Иако на месечно ниво инфлацијата бележи благо намалување од 0,2 проценти, растот на годишно ниво останува значаен.
Според податоците, намалувањето на месечно ниво се должи главно на пониските трошоци за транспорт (–6,1%), мебел и одржување на домаќинствата (–0,3%) и образование и култура (–0,1%). Од друга страна, раст на трошоците е забележан кај алкохолните пијалоци и тутунот, облеката и обувките (+1,2%), храната и безалкохолните пијалоци (+0,3%) и домувањето (+0,2%).
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги најновите бројки, изјави дека очекува годишната инфлација да се движи меѓу 3,5 и 4 проценти до крајот на годината, што, според него, е едно од најниските нивоа во Европа и регионот.
„Очекувам во октомври можеби да се движиме меѓу четири и четири и пол проценти поради ниското ниво минатата година кога беа воведени мерките за замрзнување на маржите. Но потоа очекувам пристојно намалување во ноември и декември“, изјави Мицкоски.
Од опозицискиот СДСМ реагираа со остра критика, оценувајќи дека растот на инфлацијата е доказ за неуспешни економски политики на владата.
„Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали под 3 проценти. Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се промашени и без резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните – платите стагнираат, цените растат, а сметките се повисоки“, порачаа од СДСМ.
Економистите предупредуваат дека, и покрај благите позитивни сигнали, високите цени на храната и енергенсите остануваат најголем товар за домаќинствата, особено за оние со пониски приходи.