ЕУ ги награди најдобрите истражувачки новинари во Македонија – прво место за „360 степени“ и сторијата „По трагите на Јулија“

5

Сторијата „По трагите на Јулија“ на Александар Димитриевски и Михаил Милошевски од емисијата 360 степени ја доби првата награда на Европската Унија за истражувачко новинарство за 2025 година. Делото ја разобличува аферата со „лажната“ диплома за англиски јазик на директорот на Агенцијата за разузнавање, предизвикувајќи голем јавен интерес и реакции.

Втората награда ѝ припадна на екипата на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) – Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Александра Денковска, Трифун Ситниковски, Александар Јанев и Давид Илиевски – за сторијата „Украдени животи“, која ја разоткрива мрежата за злоупотреба на лични податоци и подигање брзи кредити на туѓо име.

Третото место го освоија Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска Созен од емисијата КОД на ТВ Телма, со сторијата „Досие Крмзов – Епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“, во која се истражува сложена шема на финансиски криминал преку поврзани фирми кои испумпувале пари од државниот буџет.

Наградата, поддржана од Европската Унија, ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во изминатата година во земјите од Западен Балкан и Турција, а координатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Церемонијата ја отвори амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја нагласи важноста на независното новинарство и слободата на медиумите:

„Вечерва сме тука да ги препознаеме оние што преку нивната храброст и професионализам го почитуваат правото на јавноста да знае. Се надевам дека овие награди ќе инспирираат нови стории и обновена посветеност кон слободата на печатот“, рече Рокас.

Претседателот на жири-комисијата, Валентин Нешовски, истакна дека изборот бил предизвик поради големиот број квалитетни трудови:

„Им благодарам на новинарите што посветено ги разобличуваат аномалиите во општеството и на ЕУ што ја препозна важноста на ваквите признанија. Овие награди се апсолутно неопходни,“ нагласи Нешовски.

Жири-комисијата годинава ја сочинуваа Валентин Нешовски, Соња Колевска-Делевска и Огњен Зориќ.

Makedonski