„Ареа“ со голем јубилеен концерт во „Јане Сандански“ — 25 години од легендарниот албум „Врати на имагинација“

2

Со голем концерт во сабота во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, еден од најпознатите македонски рок бендови — „Ареа“ ќе одбележи 25 години од издавањето на албумот „Врати на имагинација“ и четврт век од нивниот историски концерт на Скопскиот саем.

Публиката ја очекува незаборавна вечер исполнета со сите најголеми хитови на групата, меѓу кои безвременската „Сите мои слики“, како и „Одведи ме“, „Пријател“, „Биди мој“ и други песни што го обележаа македонскиот рок. На сцената ќе им се придружи и младиот рапер и пејач Јанг Дади, со кого „Ареа“ неодамна ја преработи песната „Очи ангелски“.

– За првпат ќе ги свириме сите песни од албумот „Врати на имагинација“, заедно со останатите што сме ги изведувале низ годините. Концептот ќе биде нов, енергијата поинаква – ова е наш самостоен јубилеен концерт и ќе дадеме сè од себе. Дади одлично се вклопи во нашата приказна – неговата енергија совршено се поклопи со нашата, изјави гитаристот Ивица Брчиоски.

Пејачката Ружица Милошеска-Брчиоска се потсети на почетоците на бендот и на легендарниот концерт од 1999 година.
– Тогаш не можевме да бидеме свесни дека нашите песни ќе станат дел од колективната меморија. Кога Бобан ни предложи концерт на Скопскиот саем, прво мислевме дека не сме подготвени за такво нешто. Верувавме дека максимум можеме да го наполниме МКЦ, како што беше пракса со рок-бендовите тогаш. Но Бобан имаше чувство и не убеди – и беше во право, вели таа.

Бобан Милошевски од „Авалон продукција“, кој стои зад организацијата на концертот, истакна дека целата идеја се родила спонтано:
– Концертот беше повод да го направиме винилот, а винилот пак стана повод за концертот. Сакавме „Ареа“ да продолжи со нова енергија и да види колку и денес е слушана од младите, но и од постарите генерации. Овој настан е и своевиден тест за тоа каде е Македонија денес со сериозни рок-концерти, рече Милошевски.

Посетителите на концертот ќе имаат можност да го купат албумот „Врати на имагинација“ на компактен диск, специјално потпишан од членовите на групата — како воспомен за 25 години музика, емоции и „Ареа“.

Makedonski