Мицкоски: Ќе има кадровски промени, но реконструкцијата на Владата нема да биде само „козметичка“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, за време на посетата на Општина Петровец, изјави дека евентуалната реконструкција на Владата ќе се направи внимателно и само ако новите решенија донесат подобри резултати.
„Тоа што Меџити сега ќе биде градоначалник не значи дека нашиот коалициски партнер ќе добие дополнителен ресор. Имам високо мислење за Беким Сали, но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владината структура“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека засега фокусот е на подготовките за Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе се одржи на 6 декември во Кавадарци, како и на формирање нови партиски органи — извршен комитет и други структури.
„Во меѓувреме ќе размислуваме за кадровски промени во Владата. Мандатар сум јас, и нормално е последниот збор да го имам јас“, нагласи премиерот.
Мицкоски објасни дека реконструкција не се прави само формално, туку по детална анализа на ефектите и можните подобрувања.
„Реконструкција на Влада не се прави само за да се направи. Секое ново кадровско решение треба да биде подобро од претходното. Ако поставиме некој што нема подобра програма или визија, тогаш залудно е што правиме реконструкција“, изјави Мицкоски.