Според СДСМ, Европската комисија дала јасни, детални и објективни оценки кои ја прикажуваат најреалната слика за состојбата во државата – застој, назадување и институционална парализа под власта на Христијан Мицкоски.
„Драстично е назадувањето во владеењето на правото и правдата, со најлоша досега оценка – ‘единица’ во поглавјето 24“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека судството е под политички притисоци, реформите се во застој, антикорупциските механизми не функционираат, јавната администрација е нефункционална, а 60% од законите се носат без јавна дебата и транспарентност.
Во економијата и земјоделството, како што тврдат, има стагнација, доцнења со поврат на ДДВ и слаби јавни инвестиции, додека во образованието и младинските политики државата бележи пад под просекот на ЕУ.
„Владата нема ниту средства ниту предвиден буџет за спроведување на Планот за раст — тоа е доказ дека нема капацитет“, порачаа од „Бихаќка“, додавајќи дека „Европа испратила јасен сигнал дека владата е неспособна и антиевропска“.
Од СДСМ прашуваат зошто државата назадува во секоја област и обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ не покажува интерес за реални реформи.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ во своето соопштение го нарече документот од Брисел „извештајче“, оценувајќи дека се работи за „политички условувања и притисоци“ и дека вакви реакции ќе продолжат сè додека не се затвори спорот со Бугарија.
„Ќе продолжиме со реформите на европскиот пат, независно од условувањата“, соопштија од партијата, отфрлајќи ги критиките на опозицијата дека станува збор за најлош извештај за Македонија во последната деценија.