Ден на жалост во Федерацијата БиХ и Црна Гора по трагичниот пожар во Тузла

4

Во Федерацијата Босна и Херцеговина и Црна Гора денеска е прогласен Ден на жалост во чест на жртвите од тешкиот пожар што избувна во дом за стари лица во Тузла, пренесуваат локалните медиуми.

Во трагедијата, која се случи во ноќта меѓу вторник и среда, животите ги загубија 11 лица, а повеќе од 40 се повредени. Пожарот избувнал на седмиот кат од зградата каде се наоѓал домот за стари лица, а причините за неговото избивање сè уште се испитуваат.

Владата на Федерацијата БиХ вчера донесе одлука денеска да биде Ден на жалост во оваа ентитетска единица. Во рамките на одбележувањето, знамињата на јавните институции се спуштени на половина копје, а сите културни и забавни настани се откажани.

На државно ниво, Владата на Босна и Херцеговина не успеа да донесе заедничка одлука, бидејќи министрите од Република Српска не го поддржаа предлогот.

Според Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, Босна и Херцеговина е поделена на две полуавтономни единици – Република Српска и Федерацијата БиХ, кои имаат сопствени влади и парламенти, но и заеднички државни институции како што се судството, армијата и даночните служби.

Makedonski