Филипче најавува нова опозициска платформа и кадровски промени во СДСМ
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави нови имиња и проширена опозициска платформа, со цел, како што рече, зајакнување на партијата и нејзината понуда кон граѓаните. Иако внатрепартиските преструктуирања ги најави за оваа недела, Филипче изјави дека процесот е покомплексен и ќе побара повеќе време за да се реализира целосно. Тој нагласи дека во СДСМ веќе има и членови кои се вратиле во редовите на партијата.
Филипче не ги коментираше оставките на неколку функционери кои во последниот период се повлекоа од повисоките партиски тела, но истакна дека идните чекори ќе се прават внимателно, со оглед на, како што рече, „емоционалната состојба која сè уште владее во партијата“. Според него, одговорноста за состојбата е колективна, а не на поединци.
Во однос на најавената резолуција, која според собранискиот спикер Африм Гаши сè уште не е официјално доставена до парламентот, Филипче изјави дека ќе бидат политички коректни и ќе им дадат дополнително време на партиите да ја разгледаат. Не ја исклучи можноста за организирање заедничка средба со сите политички чинители, доколку постои волја за дијалог.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, и денеска упатија критики кон Филипче, наведувајќи дека токму неговото раководење е причина за, како што велат, кризата во која се наоѓа СДСМ.
Во последните недели, по оставката на потпретседателката на партијата Ана Чупевска, оставка поднесе и претседателот на општинската организација во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски. Тој побара оставки и од Филипче и од целото раководство, наведувајќи како причини слабите резултати на локалните избори и, како што изјави, „начинот на делување на самата партија“.