Истрага против четворица осомничени за разбојништво во Скопје – одзеле 200 илјади денари со употреба на сила
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против четири лица – двајца мажи и две жени, поради разбојништво сторено во група, при што со употреба на физичка сила одзеле 200.000 денари од едно лице.
Според обвинителството, инцидентот се случил на 30 октомври. Оштетениот заедно со една од осомничените жени отишол во мотел во Скопје, по што таа му предложила да повика уште една девојка. Откако се согласил, двете жени го убедиле да заминат во „поубав и поевтин хотел“.
При излегувањето од собата, во темниот двор на мотелот ги чекале двајца мажи, кои биле во договор со жените. Тие се нафрлиле врз оштетениот, го удирале со боксови по главата и телото, по што му ги одзеле парите, мобилниот телефон и личната карта.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност за повторување на делото.
Едната жена е во бегство, а притворот ќе се спроведе по нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода.