Пожар во нуклеарната централа „Козлодуј“ – ситуацијата под контрола, нема опасност за населението
Во машинската просторија на петтата единица на нуклеарната централа „Козлодуј“ во Бугарија денеска избувна пожар, што предизвика итна реакција на дежурните екипи во постројката.
Поради густ чад во делот каде што настанал инцидентот, била повикана противпожарната служба, а во меѓувреме се преземени мерки за замена на оштетената опрема.
Според официјалното соопштение на управата на централата, ситуацијата е ставена под целосна контрола и нема опасност ниту за луѓето, ниту за околината. Работниците остануваат во состојба на готовност сè додека не заврши санацијата на просторијата.
Нуклеарната централа „Козлодуј“ се наоѓа околу 120 километри северно од Софија, во близина на границата со Романија. Таа е единствената нуклеарна електрана во Бугарија и располага со два реактори од по 1.000 мегавати, кои произведуваат околу 30 проценти од националната електрична енергија.
Четирите постари реактори од 440 мегавати беа исклучени во 2002 и 2006 година, како дел од обврските што земјата ги прифати при пристапувањето кон Европската Унија.