Приведен осомничен за убиство во Сретеново – со метална шипка до смрт го претепал поранешниот пријател

3

Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело „убиство“ согласно член 123 став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, инцидентот се случил на 1 ноември попладнето, во близина на угостителски објект во селото Сретеново, општина Дојран, кога осомничениот, по вербална расправија што прераснала во физичка пресметка, со умисла го лишил од живот Никола Тимев, негов поранешен пријател.

Осомничениот прво го удирал со раце и нозе, а потоа и со метална шипка, нанесувајќи му повеќекратни повреди — повеќе од десет скршеници на екстремитетите и черепот. Нападот траел речиси половина час, по што напаѓачот го оставил повредениот на скалите и побегнал.

Тешко повредениот бил забележан од случајни минувачи, кои повикале итна медицинска помош. Иако бил пренесен во Медицинскиот центар во Гевгелија, Тимев подоцна починал од здобиените повреди и обилното крварење.

Јавниот обвинител поднесе предлог за определување притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можност тој да влијае врз сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истрагата.

Makedonski