Австралија ќе им нуди на граѓаните најмалку три часа бесплатна сончева енергија дневно

4

Австралија планира да воведе нова програма за заштеда на енергија која ќе им овозможи на домаќинствата – вклучително и на оние без соларни панели – најмалку три часа бесплатна сончева енергија секој ден, со почеток во 2026 година, соопшти министерот за енергетика Крис Бовен.

Програмата, наречена „Соларен делител“ (Solar Sharing), најпрво ќе се спроведе во државите Нов Јужен Велс, Јужна Австралија и југоисточен Квинсленд, а потоа ќе се прошири низ целата земја.

Граѓаните ќе можат да користат бесплатна електрична енергија во периодите на највисоко производство – главно во средината на денот.

„Домаќинствата што ќе ја приспособат потрошувачката на периодите кога енергијата е бесплатна, ќе имаат директна корист – без разлика дали имаат сопствени панели или не, и без оглед дали се сопственици или изнајмувачи. Колку повеќе луѓе се приклучат, толку е поголема користа за целиот систем и пониски трошоците за сите потрошувачи“, изјави Бовен.

Програмата ќе биде достапна и за станарите во згради без сопствени соларни панели, под услов да поседуваат паметно броило и да ја прилагодат својата потрошувачка во периодите кога енергијата е бесплатна – на пример, за полнење електрични возила или работа на домашни апарати.

Во моментов, околу четири милиони домаќинства во Австралија веќе имаат соларни панели на своите покриви.

Австралија има цел до 2030 година 82% од електричната енергија да доаѓа од обновливи извори, а според законот, државата треба да постигне намалување на емисиите на стакленички гасови за 43% во однос на нивото од 2005 година.

Makedonski