„Бехтел и Енка“ со над 2.200 работници и 1.200 машини продолжува со активностите на коридорите 8 и 10-д
Конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој ги изведува автопатските делници на Коридорите 8 и 10-д – Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола – во септември продолжил со изведба на повеќе клучни активности, главно поврзани со геотехнички истражувања, дизајн на трасите и експропријација, како и земјени и градежни работи.
Според месечниот извештај за напредокот на проектот, објавен од Јавното претпријатие за државни патишта, на терен биле ангажирани 2.277 лица и 1.244 градежни машини.
Работите во септември опфатиле поставување столбови, темели и греди на мостови, надвозници и подвозници на трите делници:
-
Тетово – Гостивар (18 км)
-
Гостивар – Букојчани (30 км)
-
Прилеп – Битола (40 км)
Во моментов се изведуваат градежни зафати на шест мостови, седум надвозници и три подвозници. До крајот на септември се реализирани 4,1 милион кубни метри ископ и 1 милион кубни метри насипен материјал.
Во септември немало нови исплати кон изведувачот, откако во август беа префрлени 1,2 милијарди денари. Претходно, плаќањата се реализирани во:
-
април (599,8 и 524,9 милиони денари),
-
мај (681 милион денари),
-
јуни (830,3 милиони денари) и
-
јули (1,02 милијарди денари).
Заклучно со крајот на 2024 година, конзорциумот има примено вкупно 261 милион евра.
Договорот со „Бехтел и Енка“, вреден 1,3 милијарди евра, беше активиран на 22 април 2023 година, а според планот, изградбата на делниците треба да се одвива во повеќе фази, со паралелно работење на сите три автопатски правци.