Антикорупциска комисија бара прецизирање на правилата за платено политичко рекламирање
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 24. седница го усвои извештајот од антикорупциска проверка на делови од Изборниот законик, поточно на главата што се однесува на изборната кампања и медиумското претставување (членови 75 до 76-д).
Како што изјави потпретседателката Цвета Ристовска, извештајот ќе биде доставен до надлежните институции со цел усогласување на поединечни членови и појаснување на дефинициите за учесници во изборна кампања, како и обезбедување еднаков пристап до платено политичко рекламирање за сите страни.
Ристовска посочи дека ДКСК утврдила три регулаторни ризици во постојната регулатива, предизвикани од двосмислена терминологија и различно толкување на законските одредби.
Првиот ризик се однесува на член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, каде што употребата на зборовите „може“ и „најмногу“ создава нејаснотии во примената на правилата за времетраењето на политичкото рекламирање.
„Овие формулации оставаат простор за различно толкување. Зборот може не претставува обврска, а изразот најмногу четири минути пропишува горна, но не и долна граница на рекламирањето“,
појасни Ристовска, додавајќи дека Комисијата препорачува прецизен и недвосмислен јазик при дефинирањето на законските одредби.
Вториот ризик, според ДКСК, произлегува од недоволната усогласеност меѓу член 75-ѓ став 1 и член 2 точка 14 од Поимникот на Изборниот законик, каде што различно се наведуваат учесниците во изборната кампања. Комисијата препорачува усогласување на термините за да се обезбеди еднаков третман на сите кандидати и политички субјекти.
Третиот ризик се однесува на неусогласеноста во дефинирањето на учесниците во кампањата со распределбата на рекламниот простор во електронските медиуми и интернет порталите, утврдена во член 75-ѓ став 12.
„И во оваа одредба има несогласување меѓу ставот 1 и ставот 13, што создава судир околу критериумите за распределба на минутите и процентите за рекламирање“, истакна Ристовска.
ДКСК ќе го достави извештајот до надлежните институции со препораки за измени на законот, со цел поголема транспарентност и еднаков пристап во изборната кампања.