Француските власти го пријавија Шеин за продажба на „секс кукли со детски изглед“

4

Француската агенција за заштита на потрошувачите (DGCCRF) го пријави кинескиот гигант за брза мода Шеин (Shein) на надлежните власти поради продажба на „секс кукли со детски изглед“ на својата веб-страница, пренесува Би-би-си (BBC).

Од DGCCRF соопштија дека описите и категоризацијата на производите на страницата „отежнуваат сомневањето во можен случај на детска порнографија“.

Компанијата Шеин реагираше со соопштение во кое истакна дека спорните производи веднаш биле повлечени штом компанијата дознала за случајот.

„Производите за кои станува збор беа веднаш отстранети од понудата штом станавме свесни за овие сериозни проблеми“, изјавија од Шеин за Би-би-си.

Од компанијата дополнително соопштија дека истрагата е во тек, со цел да се утврди како овие огласи успеале да ги заобиколат внатрешните проверки. Шеин најави и сеопфатен преглед на сите слични производи, со цел нивно отстранување доколку постојат и кај други трети продавачи на платформата.

Француската агенција го пријавила случајот до обвинителството, како и до Арком, националниот регулатор за онлајн медиуми и радиодифузија.

Инцидентот се случува само неколку дена пред Шеин да ја отвори својата прва физичка продавница во светот, која треба да биде лоцирана во една од париските стоковни куќи.

Makedonski