Украински напад предизвика пожар на нафтен терминал во рускиот регион Краснодар

4

Украинските сили доцна синоќа извеле напад со беспилотни летала врз товарен док на нафтен терминал и танкер за нафта во рускиот регион Краснодар, јавуваат повеќе руски канали на „Телеграм“.

На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа кои прикажуваат голем пожар на терминалот на брегот на Црното Море. Според сведоштва на жители, биле забележани најмалку три пожари околу нафтените објекти, меѓу кои и еден на танкер.

Регионалниот оперативен штаб на Краснодар потврди дека нападот предизвикал материјална штета на пристанишната инфраструктура, но според првичните информации нема жртви.

Нафтениот терминал се наоѓа во пристанишниот град Туапсе, кој е под управување на руската државна нафтена компанија „Роснефт“. Градот претставува клучен центар за извоз на руска нафта, со терминали и инфраструктура од големо значење за енергетската логистика на земјата.

Украинската армија засега не го потврдила нападот, но истиот се случил во рамки на поширока серија украински удари со дронови врз повеќе руски региони. Експлозии и чад биле пријавени и во градот Орјол.

Ова не е првпат терминалот во Туапсе да биде цел на украински напади — на 24 септември, објектот беше погоден од поморски беспилотни летала, потврди извор од украинската воена разузнавачка служба (ГУР) за „Киев Индепендент“.

Украина редовно спроведува напади во длабочина на руска територија, насочени кон воени и индустриски цели, со цел да го ослаби производството и извозот на нафта и гас — главниот извор на финансирање на Москва во војната против Украина.

Makedonski