Отворени избирачките места за вториот круг од локалните избори
Утрово во 7 часот беа отворени избирачките места на кои граѓаните гласаат за избор на градоначалници во Градот Скопје и во уште 32 општини ширум земјата, во рамки на вториот круг од локалните избори.
Покрај тоа, денеска се спроведува и прегласување за советници на три избирачки места во општината Шуто Оризари. Гласање нема да се одржи во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово, каде што во првиот круг не беше постигнат потребниот цензус на излезност. Во овие општини изборната постапка ќе се повтори во рок од 60 дена по завршување на локалните избори.
Во вториот круг се гласа за градоначалник во Град Скопје и во четири скопски општини — Аеродром, Карпош, Центар и Шуто Оризари. Нови градоначалници ќе добијат и општините Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево, Долнени, Дојран и Зрновци.
Право на глас во вториот круг имаат вкупно 1.013.375 граѓани, од кои 474.304 се запишани во избирачкиот список за подрачјето на Скопје.
Во општините Центар, Аеродром и Карпош гласачите добиваат две ливчиња — едно за избор на градоначалник на Скопје и едно за општината. Во Шуто Оризари, на три избирачки места се гласа и за советници, покрај изборот за градоначалник. Во останатите општини се гласа само за првиот човек на локалната самоуправа.
Изборниот процес го следат 1.598 набљудувачи, од кои 933 се странски, а 651 меѓународни. Како и на претходните избори, идентификацијата на гласачите се врши со лична карта или пасош, како и преку т.н. фингерпринт апарати за биометриска проверка.
Гласањето трае од 7:00 до 19:00 часот, а може да биде продолжено доколку по официјалното време има граѓани кои сè уште чекаат да гласаат или доколку во текот на денот дошло до прекин на изборниот процес. Доколку прекинот траел подолго од еден час, гласањето се продолжува за истото времетраење, но не повеќе од три часа.
Првичните резултати од гласањето се очекуваат во текот на вечерта, додека последната прес-конференција на Државната изборна комисија (ДИК) е најавена околу 23 часот.
Во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг освоиле најмногу гласови. Градоначалник ќе биде избран кандидатот што ќе добие повеќе гласови.
Во случај да не биде избран градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена ја известува Владата, која именува повереник што привремено ќе ги извршува надлежностите на градоначалникот. Владата потоа го известува претседателот на Собранието, кој во рок од 15 дена распишува нови избори за градоначалник.