Пензионер од Неготино пријавен од 107 жители на Криволак поради навредливо видео на социјални мрежи
Сто и седум жители од селото Криволак поднеле пријава против 67-годишен пензионер од Неготино, кој, според нив, на социјална мрежа објавил видео со навредлива и дискриминаторска содржина на национална основа, поврзана со изборниот процес.
Како што информираа од СВР Велес, пријавениот Љ.Т. на 20 октомври, преку својот личен профил и уште еден профил кој го администрирал, објавил видео во кое „употребил погрден и навредлив израз за лица од село Криволак, повикувајќи на дискриминација и ускратување на изборното право на група граѓани по етничка основа“.
Првично, во ОВР Неготино биле поднесени три пријави на 21 октомври, а дополнително, на 24 октомври, уште 107 жители на селото Криволак писмено го пријавиле случајот, наведувајќи дека видеото било јавно достапно и содржело невистини и навреди на национална основа.
Случајот е проследен до Основното јавно обвинителство Кавадарци, а против 67-годишниот Љ.Т. е поднесена кривична пријава за „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, дело предвидено во член 394-г став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.