Васил Хаџиманов со концерт во „Паблик Рум“ – вечер на слобода, импровизација и емоција

5

Еден од најавтентичните и највлијателни џез музичари од Балканот, Васил Хаџиманов, ќе настапи вечерва, 1 ноември, во скопскиот клуб „Паблик Рум“, заедно со својот бенд, познат по силната сценска енергија и непредвидливите музички патувања.

Публиката ја очекува вечер исполнета со слобода, импровизација и искрена емоција, со избор на композиции од богатата дискографија на Хаџиманов – вклучувајќи дела од неговите осум издадени албуми, но и нов материјал што премиерно ќе биде претставен пред скопската публика и ќе се најде на неговиот деветти студиски албум.

„Секој настап во Скопје за мене е вистинска радост и повторна средба со луѓе што многу ги сакам,“ изјави Хаџиманов, додавајќи дека „најважно во музиката е искреноста и спонтаноста“.
„Џезот е жив организам што постојано се менува – нема правила, се е дозволено и се е во игра,“ нагласува тој.

Во своето повеќедецениско творештво, Васил Хаџиманов умешно ги спојува џез-импровизацијата, балканските ритмови, електрониката и современиот урбан звук, создавајќи препознатлив музички израз кој ја обединува публиката од различни генерации и култури.

Неговите досегашни настапи во „Паблик Рум“ останаа запаметени по високата музичка виртуозност и топлата, непосредна атмосфера, која го прави секој негов концерт повеќе од настап – вистинско музичко доживување.

„Добрата енергија на сцената почнува со добри луѓе,“ додава Хаџиманов. „Секогаш имам среќа да бидам опкружен со фантастични музичари кои споделуваат иста страст.“

Makedonski