Илјадници граѓани во Нови Сад со 16-минутен молк им оддадоа почит на жртвите од трагедијата на железничката станица

4

Со 16-минутен молк и комеморативен марш, илјадници луѓе во Нови Сад ноќта меѓу петок и сабота им оддадоа почит на 16-те жртви од трагедијата на железничката станица, која се случи пред една година, на 1 ноември 2024 година. Настанот се одржа пред остатоците од срушената настрешница, симбол на едно од најтрагичните случувања во поновата историја на градот.

Во тишина, студенти и граѓани од цела Србија пристигнаа во Нови Сад – пеш, со велосипеди, мотоцикли и трактори – за да учествуваат на собирот во чест на младите кои загинаа при уривањето на реконструираната настрешница на железничката станица. Од 17-те лица кои се затекнале под неа, само едно девојче преживеа, со тешки и трајни последици.

На чело на колоната, студентите носеа 16 венци од бели цвеќиња со имињата на жртвите, симболично претставувајќи го животот што трагедијата го прекина.

Трагедијата што ја разбуди Србија

Падот на настрешницата предизвика масовни антивладини протести кон крајот на 2024 година, предводени од студентски движења. Демонстрациите, кои добија широка поддршка од академската заедница, синдикатите и граѓанските организации, прераснаа во национално движење за демократизација и одговорност на власта.

Под притисок на јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ во јануари се обиде да ја смири состојбата со оставка на тогашниот премиер Милош Вучевиќ, по насилниот инцидент во кој приврзаници на владејачката Српска напредна странка (СНС) претепаа студенти во Нови Сад.

Иако истрагата ги посочи неколку министри и државни службеници како потенцијално одговорни за пропустите при реконструкцијата на станицата, една година по трагедијата никој не е осуден или санкциониран. Според извештајот на Неформалната истражна комисија составена од експерти, документи за реконструкцијата укажуваат на вмешаност и одговорност на високи државни функционери.

Ден на жалост и тишина

Пред станицата во петокот вечерта беа поставени имињата на сите 16 жртви, а десетици велосипеди останаа покрај урнатата конструкција, која никој не ја поместил ниту реконструирал една година по несреќата.

Во полноќ започна Денот на жалост, прогласен од Владата на Србија по барање на студентите и граѓаните. Знамињата на сите институции беа спуштени на половина копје, а жалоста ќе трае до полноќ во сабота.

„Има тишина и сите што ги гледам плачат“, извести репортерот на агенцијата ФоНет за време на молкот што траеше точно 16 минути – по една минута за секоја жртва.

Вучиќ повика на мир, студентите бараат избори

Во пресрет на комеморацијата, претседателот Александар Вучиќ ѝ се обрати на јавноста, повикувајќи на мирен и достоинствен собир.

„Мојата вистинска желба, како претседател, е утрешниот ден да помине мирно, со почит едни кон други, особено кон жртвите,“ рече Вучиќ, повикувајќи на дијалог и единство.

Тој призна дека „во изминатата година сите направиле грешки, вклучително и тој самиот“, извинувајќи се за пропустите на државата.

Сепак, студентските организации одговорија дека „не прифаќаат извинување, туку бараат распишување на предвремени избори“, нагласувајќи дека единствен начин за враќање на довербата е политичка одговорност и промена.

Makedonski