Фотографијата на Лукровски и Мојсовска ја отвори дилемата за можно приближување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
Заедничката фотографија на кандидатот за градоначалник на Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, и докторката Маја Мојсовска, која на претходните избори настапи како кандидат на СДСМ, предизвика реакции и прашања во јавноста за можно приближување или неформална соработка меѓу двете партии во оваа општина.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не даде директен одговор за фотографијата, но возврати со прашање:
„Можеби вистинското прашање за претседателот на СДСМ е дали тој поддржува лице кое е на црната листа за сторен криминал кај нашиот стратешки партнер и кое е осудено во прв степен поради сторен криминал. Можеби тоа е вистинското прашање“, изјави Мицкоски.
Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, категорично отфрли можност за каква било соработка или скриен договор со ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека власта врши континуиран притисок врз кандидатите на СДСМ во општините каде што партијата има свои претставници.
„Во текот на целата кампања сведоци сме на притисоци врз нашите кандидати и нивните тимови, како и кон граѓани преку институции како полицијата, службите за социјална работа и Управата за јавни приходи“, изјави Филипче.
Мицкоски ги отфрли ваквите обвинувања, оценувајќи дека овие избори се меѓу најдемократските досега одржани.
„Граѓаните се сведоци дека такво нешто не постои. Ако некој има индикации за притисоци, може директно да ми се јави. Јас најодговорно тврдам дека овие избори се пример за демократска зрелост“, рече премиерот.
Во однос на вториот круг од локалните избори, Мицкоски најави взаемна поддршка со коалициските партнери, додека Филипче изјави дека нема формален договор со други политички субјекти, оставајќи на членовите и симпатизерите самостојно да одлучат кому ќе ја дадат поддршката.
 
			