Две години условна казна затвор за Реџеп Нуредини по нападот врз Данела Арсовска

4

Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече условна казна затвор од две години на Реџеп Нуредини, кој призна вина за нападот врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, извршен во јуни годинава во Чаир. Казната нема да се реализира доколку Нуредини не стори друго кривично дело во следните пет години.

Бранителот на обвинетиот, адвокат Насер Рауфи, изјави дека признанието на вина помогнало за ефикасност на постапката, а судот му одредил и пробациски надзор со соодветни мерки.

„Обвинетиот Реџеп Нуредини денеска покажа искрено каење за стореното и грубото однесување кон оштетената. И самата градоначалничка покажа доблест и му прости, не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту поднесе имотно-правно побарување. Тоа придонесе да се изрече максимална алтернативна казна“, изјави Рауфи.

Тој додаде дека постоеле олеснителни околности, меѓу кои извинувањето, каењето и ветувањето дека Нуредини ќе се воздржи од слични инциденти во иднина.

Градоначалничката Арсовска видно вознемирена го напушти судот и не даде изјава за медиумите.

Според обвинението, на 11 јули 2025 година, на улица „Севастополска“ во Скопје, обвинетиот грубо ја навредувал и ја загрозил сигурноста на Арсовска, со што предизвикал чувство на несигурност и страв во јавноста.

Нуредини беше обвинет за кривично дело „насилство“ според член 386 став 1 од Кривичниот законик.

Makedonski