Градоначалничката Арсовска на судско соочување со вториот обвинет
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денес се соочува со вториот насилник кој на 11 јули 2025 година ја нападна вербално, а при обид за физички напад беше спречен и приведен од полицијата, соопштија од Град Скопје.
„Насилникот има долга листа на сторени сериозни кривични дела и одлежано повеќе години ефективна казна затвор. Системот им дозволува на такви лица да напаѓаат, да вршат насилство и дури да убиваат, бидејќи слободно се движат“, наведуваат од Градот.
Инцидентот се случи на локација во Општина Чаир, спроти Полициската станица Чаир, каде што Арсовска вршела увид на терен поради изградба на дивоградба. При нападот, градоначалничката претрпе телесна повреда и чувство на загрозеност и страв, што предизвика широка реакција во јавноста.
Веднаш по настанот, врз основа на оперативните наоди и безбедносната проценка спроведена од Агенцијата за национална безбедност, Министерството за внатрешни работи и додели на Арсовска 24-часовна полициска заштита на 12 јули, поради реална и непосредна закана по нејзината безбедност.
Во меѓувреме, Основниот кривичен суд Скопје на 2 септември 2025 година донесе и јавно ја објави пресудата против Сулејман Љамалари, кој беше прогласен за виновен за сторено кривично дело „Насилство“ според член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Љамалари е осуден на две години затвор, поради физичкиот напад врз градоначалничката.
Според Град Скопје, Љамалари не покажал каење и со својот однос континуирано го исмејувал судот и јавноста. Денес се очекува исходот од судењето на вториот напаѓач, поврзан со истиот настан.
 
			