Тетовец со закани преку „Фејсбук“ кон жена и функционери од една политичка партија

4

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 49-годишен жител на Тетово, осомничен за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ согласно член 144 став 5 од Кривичниот законик, откако на социјалната мрежа „Фејсбук“ упатил јавни закани по живот.

Како што соопшти обвинителството, на 28 октомври, осомничениот од свој профил на Фејсбук објавил видео и текст на албански јазик во кои отворено се заканувал со убиство и извршување други тешки кривични дела кон една жена, како и кон функционери и членови на една политичка партија.

Објавата, која содржела навредлива, омаловажувачка и заканувачка содржина, кај оштетената предизвикала вознемиреност и страв за личната безбедност.

По анализата на доказите, јавниот обвинител побарал од судијата на претходна постапка при Основниот суд во Тетово да му биде определен притвор за осомничениот. Судот го прифатил предлогот и му одредил мерка притвор, со цел спречување на можна повторна закана и обезбедување на текот на кривичната постапка.

Makedonski