Завршува кампањата за вториот круг од локалните избори – во недела гласање во 32 општини и во Град Скопје

3

На полноќ завршува двонеделната изборна кампања за вториот круг од Локалните избори 2025, кои ќе се одржат во недела, на 2 ноември. Со завршувањето на кампањата почнува изборниот молк, кој ќе трае до недела во 19 часот, кога ќе се затворат гласачките места.

Во вториот круг ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје, а ќе има и прегласување на три избирачки места во Шуто Оризари за членови на Советот.

Во сабота, традиционално, први ќе гласаат болни и изнемоштени лица, затвореници и лица во домашен притвор, чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.

Завршни активности на партиите

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ синоќа го одржа завршниот митинг во Скопје, каде се обратија премиерот и партиски лидер Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Мицкоски изјави дека „во првиот круг скопјани испратија јасна порака, а во вториот круг победата ќе биде историска — не само како успех, туку како почеток на нова етапа“. Тој повика на обединување и надминување на поделбите.

Ѓорѓиевски, пак, ги повика граѓаните „масовно да излезат на гласање и да покажат дека Скопје избира работа, знаење и љубов кон својот град“.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за денеска најави мини митинг со обраќање на Мицкоски, Ѓорѓиевски и Мирослав Лабудовиќ, кандидатот за градоначалник на Центар.
Кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, ќе одржи завршна прес-конференција пред изборниот молк.

Гласањето во Град Скопје и општините

Во Град Скопје право на глас имаат 474.304 граѓани, кои ќе избираат меѓу Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ) и Амар Мециновиќ (Левица).

Во Карпош ќе се соочат Стевче Јакимовски и Сотир Лукровски, во Аеродром — Дејан Митески и Александар Трајановски, а во Центар ќе се избира меѓу Мирослав Лабудовиќ (ЗНАМ) и Горан Герасимовски (СДСМ).
Во Шуто Оризари ќе се гласа меѓу Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ) и Курто Дудуш (Унија на Ромите).

Во Боговиње ќе се одлучува меѓу Бесник Емши (НАИ) и Фети Абази (Влен), а во Брвеница меѓу Хаќим Рамадани (Влен) и Јовица Илиевски (ВМРО-ДПМНЕ).

Во Куманово, каде право на глас имаат 94.041 избирач, за градоначалничката функција ќе се натпреваруваат Максим Димитриевски (ЗНАМ) и Горан Стојковски – Диро (Група избирачи).

Вториот круг ќе се одржи и во Валандово, Виница, Кичево, Кочани, Крушево, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново – Облешево, Чучер Сандево, Демир Капија, Конче, Македонска Каменица, Росоман, Лозово, Дебар и Дебрца.

Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово, изборите ќе бидат повторени, бидејќи во првиот круг не беше достигнат потребниот цензус.

Прв круг – избрани 44 градоначалници

Во првиот круг од локалните избори беа избрани градоначалници во 44 општини, како и советници во сите 79 општини и во Град Скопје. Новоизбраните градоначалници веќе ги презедоа функциите.

Makedonski