Пад на бројот на заболени од грип – сѐ уште не е достигнат сезонскиот праг

4

Во текот на 43. недела од 2025 година (од 20 до 26 октомври), во земјава биле регистрирани 56 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грип, што претставува намалување од 32,5 отсто во однос на минатата недела, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

За споредба, во истиот период минатата сезона биле евидентирани 42 заболени лица, што претставува зголемување од 33,3 проценти, додека во однос на моделот за последните 15 сезони е забележано намалување од 10,5 отсто, информираат од ИЈЗ.

Најголем број заболени се регистрирани во Гостивар (20) и Куманово (15), потоа следат Прилеп (7), Тетово и Радовиш (по 5), како и Струмица и Македонски Брод (по 2 случаи).

Според возраста, најзасегната е групата од 15 до 64 години со 48 заболени, потоа лицата над 65 години (5 случаи), децата од 5 до 14 години (2 случаи) и едно дете од 0 до 4 години.

Од ИЈЗ нагласуваат дека инциденцата останува под сезонскиот праг (I = 22,03 на 100.000 жители), што значи дека сeуште не е започната сезоната на грип.

Во сезоната 2025/2026, вкупниот број на регистрирани случаи изнесува 244, што е зголемување од 64,9 проценти во споредба со истиот период лани, и 21,9 проценти повеќе од просекот за последните 15 сезони.

ИЈЗ потсетува дека вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата превенција, особено за лицата од ризичните категории — постари од 65 години, деца на возраст од 6 до 59 месеци, лица со хронични болести, бремени жени и здравствени работници.

Според податоците на Управата за електронско здравство, досега се вакцинирани 31.289 лица од ризичните категории со бесплатни вакцини.

Makedonski