Руски воздушен напад ја остави без струја Одеската област — оштетена е енергетската и транспортната инфраструктура
Околу 27.000 домаќинства во украинската Одеска област останаа без електрична енергија по руска воздушна атака врз енергетски објект, јавува ДПА, повикувајќи се на приватниот енергетски оператор ДТЕК.
Според Олег Кипер, претседател на Одеската областна воена администрација, при нападот се нанесени сериозни оштетувања и на транспортната инфраструктура.
„И покрај активната работа на противвоздушната одбрана, регистрирани се удари врз енергетски и транспортни објекти. За жал, има и едно повредено лице, на кое му е укажана медицинска помош“, напиша Кипер на „Телеграм“, пренесува Укринформ.
Нападот предизвика пожар кој брзо бил изгаснат, а екипите на терен веќе работат на воспоставување на електроснабдувањето. Клучните објекти од критичната инфраструктура моментно функционираат со генератори, додава Кипер.
Украинското Министерство за енергетика соопшти дека нови руски напади биле извршени и врз енергетски системи во Одеска, Днипропетровска и Донецка област.
Заради претходните оштетувања на електромрежата, во некои региони има долготрајни прекини на струја, што ја погодува и индустријата и домаќинствата.
Украинските власти потврдија дека едно лице загинало при ноќните напади.
Според Украинските Воздушни сили, Русија во нападот употребила 126 дронови, од кои 93 биле соборени.