Експерти: Проектираниот раст од 3,8% во 2026 година е тешко остварлив
Предлог-буџетот за 2026 година, тежок над 6,73 милијарди евра, повторно е насочен кон покривање на државните трошоци и заштита на животниот стандард, велат експертите. Но, според нив, проектираниот раст на БДП од 3,8 проценти е амбициозен и тешко остварлив во услови на нестабилни геополитички и економски текови.
„Не сум преголем оптимист дека ќе успееме да ја реализираме оваа стапка, иако реално може да се постигне доколку администрацијата ги активира сите капацитети и се задржи фокусот на капиталните проекти кои можат да генерираат таков раст“, вели професорот Зоран Ивановски.
Неговиот колега, професорот Синиша Наумоски, оценува дека станува збор за „буџет на стабилност, континуитет и реалност“, кој сепак остава простор за критики. „Буџетот создава основа за посилен инвестициски циклус во 2027 година и гради доверба кај меѓународните партнери“, додава тој.
Ивановски и Наумоски предупредуваат дека државата и понатаму нема доволен капацитет за реализација на капиталните инвестиции, што традиционално води кон ниска искористеност на планираните средства.
„Останува дилемата дали проектираните капитални инвестиции навистина ќе се реализираат, имајќи ја предвид слабата кондиција на градежниот сектор и ограничениот административен капацитет. Поради тоа, секоја година имаме скромни резултати“, нагласува Ивановски.
Наумоски додава дека повторно има намалување на капиталните инвестиции. „Во јавноста често укажувам дека нивото на капитални инвестиции е ниско. Сега се најавени намалени за околу 650 милиони евра, што е сериозен предизвик за 2026 година“, истакнува тој.
Со предлог-буџетот, дефицитот е проектиран на 3,5% од БДП, односно 637 милиони евра, додека капиталните инвестиции изнесуваат околу 650 милиони евра. За покривање на долгот, владата планира задолжување од 1,7 милијарди евра, од кои 950 милиони преку еврообврзница.
Според владините проекции, БДП во 2026 година треба да порасне за 3,8 проценти, а инфлацијата се очекува да се задржи на 2,5 проценти.