Кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство за проневера во службата
Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против З.А., поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 став 1 од Кривичниот законик.
За истото дело, како помагачи, пријавени се и Ф.М., поранешен заменик директор, како и Л.У., А.Р., Е.Т., А.Б. и А.Б., сите вработени во агенцијата.
Според пријавата, во периодот од 2017 до 2020 година, З.А. како директор на агенцијата, во повеќе наврати незаконски прибавил парични средства од службата. Имено, за службени патувања во странство за кои имал обезбедено сместување и исхрана, тој примал дневници од 50%, иако согласно Уредбата за службени патувања во странство имал право на само 20% од дневницата.
На тој начин, З.А. се стекнал со противправна имотна корист од 62.530 денари, на штета на буџетот на институцијата.
Во незаконската постапка му помогнал заменик директорот Ф.М., кој ги потпишувал решенијата за службени патувања, како и службениците Л.А., А.Р. и Е.Т., кои изготвувале решенија спротивно на прописите. Потоа, А.Б. и А.Б. ги одобриле исплатите, иако биле свесни дека решенијата не се во согласност со уредбата.
Случајот е предаден на надлежното обвинителство за понатамошна постапка.