Двајца полицајци од Кичево осомничени за разбојништво во гостиварска златарница – украдени 18 килограми злато
Основното јавно обвинителство Гостивар поведе истрага против две лица, осомничени дека како соизвршители учествувале во разбојништво извршено во гостиварска златарница на 10 октомври годинава. Според Обвинителството, станува збор за двајца полициски службеници од ОВР Кичево, кои заедно со други засега неидентификувани лица организирале и реализирале грабеж при кој било одземено околу 18 килограми злато.
Од Обвинителството информираат дека осомничените планирале и подготвувале грабеж два дена пред извршувањето, со извид на локацијата и следење на работата на златарницата. На денот на нападот, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот за двете возила користени во разбојништвото.
По извршениот грабеж, едно од возилата било пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар–Дебар, а другото напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
Јавниот обвинител поднесе предлог за определување притвор за двајцата осомничени, со образложение дека постои опасност од бегство, можност тие да влијаат врз сведоците или да ги уништат доказите, како и опасност од повторување на делото.
Во тек се интензивни активности за идентификување и приведување на останатите учесници во вооружениот грабеж.